Министерството за образование и наука упати апел  до идните студенти да внимаваат при уписот на приватните високообразовни институции бидејќи некои од нив немаат добиено решение за акредитација, а водат кампања за упис.

Одреден број на приватни високообразовни институции воопшто не се акредитирани за вршење на високообразовна дејност ниту пак добиле решенија за работа, а веќе прават кампања и промоција за упис на студенти. Во спротивно ризикот ќе го сносат самите студенти, а тој е преголем како во однос на финансиските средства така и во однос на признавањето на нивните дипломи, изјави на прес-конференција Феузи Џафери, шефот на Кабинетот на министерот за образование и наука.

Тој посочи дека на сајтот на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk може да се најдат сите досега акредитирани високообразовни институции.

Во Мининстерството се пристигнати информации дека се бара голем износ на пари за упис лично на рака поради што Државниот просветен инспекторат ќе изврши увид во овие високообразовни институции и ќе се преземат одредени санкции, додаде Џафери.

Меѓу високообразовните институции кои немаат добиено решение за акредитација, а вршат кампања за упис беа посочени Евро колеџот од Куманово и Евроамериканскиот колеџ од Струга.

МИА