Со изведба на познатиот штраусов танц квадрил, денеска на градскиот плоштад охридските матуранти од средните училишта во Охрид го одбележаа крајот на завршување на средното образование. Точно на пладне тие истовремено танцуваа со матурантите од уште шеесетина градови на Централна и Југоисточна Европа.

Како што истакна професорката Соња Думбалова, под чие водство средношколците се подготвуваа за денешниот настан, од година во година охридските матуранти се подобро ги исполнуваат зацртаните норми кои се бараат за овој танц.

– Учествуваа околу  400 матуранти, работевме цел месец, интересот беше голем и затоа денес матурантите достојно не претставија, изјави професорката Думбалова.

Во име на матурантите, благодарност до професорката Думбалова искажа ученичката Поликсена Тунтева која потенцира дека денешниот настан за Охрид претставува празник на музиката, танцот и младоста.

– Ние знаеме колку напор и енергија вложивте за да го доживееме овој танц како дел од нас, дел од нашите срца и колку љубов вложивте во нас за нашиот прекрасен Охрид да ја продолжи оваа традиција. Од се срце Ви благодариме за вашата упорност. Многу генерации со години ќе ве паметат по овој несекојдневен и невообичаен подвиг, овој прекрасен музичко сценски момент кој ќе остане врежан во нашите сеќавања, рече Тунтева.

Директорката на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ Славица Костоска на матурантите им го честита завршувањето на средното образование и им посака понатамошни успеси.

– Им посакувам успешно да ги поминат матурските испити и да ја прослават матурската вечер и во иднина да им се остварат сите желби, рече Костоска.

„Матурската парада 2017“ во Општина Охрид се организира по единаесети пат.

OhridNews