Форумот на словенските култури, во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид, организира меѓународна работилница под наслов „Заштита и промоција на културното наследство како ресурс за инклузивен и одржлив развој“, која ќе се одржи во Охрид од денес до 15 ноември.

Работилницата ќе се фокусира на археолошкото наследство, неговата заштита и одржливо управување, како и на современите пристапи за негова интерпретација и промоција. Експерти од Северна Македонија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина ќе презентираат примери на добри практики, актуелни истражувања и проекти кои го поврзуваат археолошкото наследство со локалните заедници и одржливиот развој, информираат организаторите.

Програмата, посочуваат, ќе опфати две меѓусебно поврзани тематски области. Првата ќе се фокусира на заштитата и одржливото управување со археолошкото наследство, додека втората ќе се осврне на неговата промоција, иновативните пристапи кон интерпретацијата и начините на вклучување на различна публика. ​

Меѓу примерите што ќе бидат презентирани се археолошките истражувања и плановите за ревитализација на Самоиловата тврдина во Охрид, средновековните погребувања на археолошкиот комплекс Манчевци и искуството на Музејот на хрватските археолошки споменици во Сплит. На работилницата ќе се истражи и потенцијалот на современите дигитални технологии во интерпретацијата на археолошкото наследство, вклучувајќи ја 3Д-реконструкцијата на мозаиците од базиликата на Плаошник и виртуелната презентација на Македонската гробница во Охрид, посочуваат.

​Словенечкото искуство ќе го претстави Маша Сакара, научен соработник и музејски советник во Регионалниот музеј во Копер.

Таа ќе го презентира случајот со управувањето на археолошкиот локалитет Каштелир над Корте и ќе ги истражи можностите за поврзување на археолошкото наследство, локалните заедници и одржливиот туризам. Во својата втора презентација, таа ќе го истакне потенцијалот на инклузивните археолошки паркови, потпирајќи се на примерите на Каштелир над Корте и Каштелир Елерји. ​

Работилницата, додаваат, ќе овозможи размена на стручни знаења, искуства и добри практики, истовремено зајакнувајќи ја соработката меѓу институциите кои работат на заштита и промоција на културното наследство во земјите членки на Форумот на словенските култури.

OhridNews