Народниот правобранител смета дека со приведување на пратениците осомничени за случувањата од 27 април 2017 е повредено правото на пратенички имунитет и начелото презумција на невиност поради непочитување на одредбите од страна на полицијата. Оваа констатација на Народниот правобранител доаѓа по доставената претставка од страна на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ потпишана од 33 пратеници во која се истакнува дека при приведувањето има грубо кршење на Уставот и други правни процедури.

Народниот правобранител Иџет Мемети се обратил до МВР од каде што побарал објаснувања, информации и докази за постапувањето на полицијата при приведување на пратениците. Полицијата ги дала сите документи до Народниот правобранител, но не одговорила на ниту едно прашање на Мемети.

Конкретно се работи за прекршување на членот 19. од Правилникот за вршење  полициски работи во кој се вели дека доколку лицето покаже статус со кој му се дава имунитет не смее да биде приведено. Според Народниот правобранител, полицискиот службеник кој го извршил приведувањето бил известен за имунитетот кој го поседуваат пратениците, но и покрај тоа тој ги извршил апсењето.

Мемети смета судиите Весна Димишкова и Ненад Царески ја злоупотребиле мерката притвор како казна за пратениците. Народниот правобранител доставил препорака до министерот за внатрешни работи, во која бара да се спроведе целосна постапка за испитување на начинот на постапување на полициските службеници, кои на 28 ноември ги приведувале пратениците, да се утврди одговорност и да се санкционираат прекршителите на правата на пратениците.

OhridNews
Макфакс