Народот денеска испрати јасна порака дека не го прифаќа Договорот од Преспа и кажа големо Не на политиките на актуелната власт, истакна лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Ова е Македонија, овде живеат Македонци, нашиот идентитет е Македонски, нашиот јазик е македонски, нашите предци се Македонци. Затоа ви благодарам. Нашиот народ е силен, нескршлив, и покрај големите закани од власта, додаде Мицкоски.

-Власта е целосно разобличена. За тоа говорат и очајните обиди во име на ВМРО ДПМНЕ да се повикува членството да гласа. Ќе дојде време да одговараат за малтретирањата на народот и како приватните броеви од телефоните се најдоа во раце на власта, за наполнетите кутии во Сарај, Струга и други места, каде на минатите избори имаше 45% излезност, а сега фантастични 95 проценти.– рече Мицкоски,

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ обвини дека моќници на СДСМ им се заканувале на граѓаните да излезат да гласаат против нивна волја.

-Народот не се плаши. ВМРО ДПМНЕ останува со народот и ќе ве победиме, затоа што ова денес е пораз не само за Договотрот со Грција, туку и за криминалот на власта, за наместените тендери, уништената економија… народот е на нозе, а никој до сега не победил народ. Тој денес даде вредносен суд, Заев и неговата влада се делигитимирани и тоа им е јасно на огромен број граѓани, но и на власта. – истакна Мицкоски.

Според него власта го изгубила легитимитетот и единствено што и преостанува е да ја почитува волјата на народот.

OhridNews