Недобивањето на датум за избори е лоша и непосакувана вест за Македонија. Ќе се согласам дека ваквата одлука за недобивање датум е пораз, но тоа не е пораз на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, тоа е пораз на политиките на Зоран Заев и оваа власт. Тоа е политика без концепт, без визија, со многу криминал, корупција, арамилук, неработа и измами, рече на денешната прес конференција претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одржана по повод актуелните случувања со Европската унија.

  • Македонија има пријатели во Европа, а Европската Унија продолжува да биде наша стратешка цел, и мора да се биде самокритичен и да се признае дека нема датум за отпочнување на преговори затоа што нема реформи. Затоа што народот живее тешко и нема друга држава каде криминалот царува со системот. Имаме систем во распаѓање и власт која што не испорачува правда туку е заштитник на неправдата, рече Мицкоски.

Додаде дека нема намера понатаму да влегува во игра на покажување на показалецот и докажувања за тоа кој е крив, а кој бил во право, но не треба ни да се маскира неуспехот.

  • Во животот секогаш има избор, и ова не е крајот, туку почеток на промените кои мора да се случат. Треба да излеземе посилни и помудри од секој еден неуспех. Македонија е европска земја, а Европската Унија е наша заедничка цел. Народот бара и посакува предвремени парламентарни избори, исто како и јас, тоа е единствено логично и посакувано решение за да се надмине кризата и оваа повеќе неодржлива ситуација. Колку и да се противи власта избори ќе дојдат, а со тоа доаѓа и политичкиот крај на Зоран Заев, рече Мицкоски додавајќи дека во меѓувреме потребни се реформи.

Повика на средба на државниот врв на која ќе се диксутира за сите наведени прашања и иднината на Македонија.

OhridNews