ВМРО ДПМНЕ ќе извојува уверлива победа на претстојните вонредни локални избори за градоначалник во Охрид, убеден е лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Повикувајќи се на партиските анализи и сондажи од терен, Мицкоски изрази оптимизам дека ВМРО ДПМНЕ ќе победи на изборите во Охрид. Сепак, тој не откри со кој кандидат ВМРО ДПМНЕ ќе излезе на изборите, појаснувајќи дека постапката за избор е во тек и се одвива согласно статутот на партијата.

Мицкоски во Струга учествува на работниот викенд на највисоките органи на ВМРО ДПМНЕ, што се одржува во соработка со Меѓународниот демократски институт од САД.

Целта на работниот викенд е како што е и самиот насловен да рефлектираме за минатото, но и да градиме перспективи за иднината, односно ВМРО ДПМНЕ да извлече поука од сите оние погрешени политики изминатите 28 години, од сето она политичко мочуриште кое што и се случуваше на македонската јавност и да понуди решенија кои ќе значат подобра иднина за граѓаните во Македонија. – истакна Мицкоски.

Запрашан дали се уште се надева на предвремени парламентарни избори, Мицкоски истакна оти се надева дека СДСМ ќе се одважи и конечно ќе го соопшти својот став по ова прашање, појаснувајќи дека се’ уште има време да се организираат предвремени парламентарни избори.

Еве има уште време тоа да се направи. Согласно математиките можеме тоа да го направиме и за време на вториот изборен круг, да имаме заедно со претседателските и предвремени парламентарни избори. – рече Мицкоски.

Г.М.