Ќе имаме финансиска институција, банка којашто ќе биде сопственик на „Алта банка“. Значи ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето коишто се во, би рекол некаква релација со „Алта банка“. И денеска сум голем оптимист дека, за жал од опозицијата ќе бидат разочарани, бидејќи нивните црни сценарија и обиди банката да отиде во неизвесност, односно во стечај, нема да се реализираат. Ова го посочи претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска од Охрид, каде присуствуваше на поставувањето на камен темелникот на новиот производствен капацитет на компанијата „АСП ПАК“, одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека опозицијата инсистира на отворање истрага од страна на Обвинителството и прашуваат како Мацура добил лиценца.

Апсолутно се согласувам да отвори Обвинителството случај, да поведе истрага и да видиме што ќе каже таа истрага. Тоа е прво. И второ, ние како Влада, секој оној којшто ги исполнува сите законски услови, којшто ги исполнува правилата на работа, а впрочем истиот тој Мацура претходно се стекнал со право да работи и на територијата на Австрија, бидејќи австрискиот регулатор му дозволил да стане сопственик на дел од акциите во „Адико банка“. Исто така, истиот тој Мацура да влезе во, би рекол трговски и деловни односи со „Рајфајзен банка“, една од поголемите финансиски институции во регионот. Само покажува дека тоа што го зборуваат од кај опозицијата, претставува политичка естрада и фолклор и јас ќе го третирам само во таа категорија дека е политичка естрада и фолклор. Но тука, тој ги исполнил сите услови, сите критериуми ги испочитувал и се стекнал со правото да работи на македонскиот пазар, рече Мицкоски.

Истакна дека како Влада не можат да бираат кој ќе работи или кој нема да работи, бидејќи секој оној којшто работи на една слободна, пазарна, демократска и трговска основа, може да работи тука.

Замислете ако на тој начин размислуваат сега кај нашиот северен сосед, да речеме одредени македонски компании по правило на реципроцитет да им биде забрането да работат. Еве „Алкалоид“ да не продава лекови во Србија, „АСП ПАК“ да не продава мрежи во Србија, „Витаминка“ да не продава кондиторски производи во Србија, „Стокомак“ да не продава и да не формира свои ланци таму на продажба и така натаму. Ако ние влеземе во вакви односи на билатерална основа со државите, тогаш мислам дека лошо се пишува и на економијата, но и на генерално политичките односи во една држава. Затоа рековме уште на самиот почеток од овој случај, тој е увезен случај и ние и опозицијата имаме различна амбиција. Тие имаат амбиција којашто е испреплетена со црни сценарија, а ние имаме амбиција да ја спасиме банката и банката да продолжи да функционира и во тоа верувајте еве на крајот од овој процес ќе видите дека ќе успееме, рече Мицкоски.

​Во одговор на новинарско прашање кога ќе се официјализира купувањето на банката, тој рече дека очекува кон крајот на месецот, почетокот на идниот месец да биде закажана аукцијата.

Поминаа оние три дена со коишто се информираше регулаторот во Србија, течат оние 10 дена во коишто тие треба да дадат право Народната банка преку аукција да ги отуѓи акциите. Потоа следат пет дена на лиценцирање на потенцијални понудувачи и очекувам кон крајот на месецот, почетокот на идниот месец да биде закажана аукцијата, додаде Мицкоски.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска