Охрид е позната туристичка дестинација и мора да има стратегија во туризмот. Туризмот и угостителството имаат голем потенцијал за понатамошен напредок и развој во сите нивни сегменти и заради тоа дефинирањето на насоките, целите и задачите е од основна важност за развој на нашиот град, истакна на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Митре Милошевски.

  • Отворањето можности за нови вработувања во туризмот и угостителството ќе бидат примарна цел со помош на формирање претприемачки инкубатор за нови бизниси за млади лица како и изработка на студија за мапирање на стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, рече Милошевски.

Информира дека подготвена е сеопфатна стратегија со која јасно и прецизно се дава одговор на три значајни прашања: 1.Каков треба да биде туризмот? (брендирање, целогодишен-продолжување на сезоната, развиен на цела територија, разновиден, иновативен и прилагодлив спрема преференциите на туристите); 2.Кои се клучните предуслови за развој на туризмот? (долгорочна заштита на просторот и одржливо управување со екосистемот, конкурентност и атрактивност за инвестиции, активирање на државниот имот со цел туристички развој, зголемување на знаењата и вештините на сите нивоа, дестинациско управување); и 3.Со што туризмот ќе ја привлекува побарувачката? (гостољубивост, квалитет, автентичност, разновидност на содржини и доживувања, сигурност-безбедност).

  • Ние не сакаме Охрид да тапка во место, ние сакаме Охрид секој ден да се движи кон нови пазари, да вработува нови луѓе, да ја збогатува туристичката понуда, да станува сè поконкурентна туристичка дестинација која создава нови мотиви за доаѓање на странски и домашни туристи, не само во летните месеци, туку и во текот на целата година. За таа цел, цврсто сме решени со сеопфатната долгогодишна стратегија, изготвена од врвни експерти од Факултетот за туризам и угостителство кои имаат капацитет детално тоа да го обработаат и Охрид да биде конкурентен во 21 век, потенцира Милошевски.

OhridNews