На 5 јуни ќе ги повториме резултатите од 2008 година, односно во 5-та И.Е.  ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе однесат убедлива победа, изјави нодителот на кандидатската листа во Битолско-охридската изборна единица, Антонио Милошоски, на средбата со новинарите што се одржа денеска.

Тој истакна дека во општинските комитети на ВМРО ДПМНЕ владее победничко расположение и очекува претстојните избори да минат во фер и демократска атмосфера и со масовна излезност. 

– Прво заради тоа што сметаме дека граѓаните, општеството и Република Македонија како држава имаат капацитет, потреба и можност тоа да го постигнат, и второ затоа што сметаме дека меѓународниот углед на нашата држава, кандидат за членство во ЕУ и нашиот вкупен однос кон другите земји од меѓународната заедница, во голем дел зависи од нашата способност да се покажеме, како и претходно така и сега, дека сме држава која има стабилни институции, свесни граѓани и свесни политички партии, рече Милошоски.

Носителот на листата во 5-та И.Е.ги отфрли обвинувањата на ВМРО НП, дека истакнати членови на ВМРО ДПМНЕ, меѓу кои и тој, вршат притисок врз членовите на партијата да преминат во нивните редови, оценувајќи ги таквите наводи како шпекулации во рамки на кампањата.

– Преминувањето на секој член од друга политичка опција е доброволно и негова слободна волја. Најголем мотивирачки фактор што членови на ВМРО НП масовно преминуваат во ВМРО ДПМНЕ се изјавите на дел од раководството на таа партија дека 70 отсто од општинските комитети се за коалиција со Бранко Црвенковски, рече Милошоски, посочувајќи дека во 5-та Изборна единица зачестено е преминувањето на членови или раководители од други партии во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, особено од ВМРО НП.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на терминот „достоинствен компромис“ за спорот околу името што фигурира во изборниот Манифест на ВМРО-ДПМНЕ, односно за замената на квалификацијата „разумен компромис“, Милошоски појасни дека се работи за лексичка, а не за суштествена разлика.

– Независно која формулација или дефиниција ќе биде употребена, дека во македонско-грчките разговори, во обидот да се надмине овој прилично апсурден спор што Грција го има со уставното име на Република Макеоднија, ние не смееме и нема да дозволиме да биде заобиколена народната волја на македонските граѓани, затоа што прашањето не е само техничко или политичко, туку е прашање што го засега националното достоинство на еден народ, на една држава. Тука лежи одговорот на прашањето што значи достоинствен компромис, да се зачува достоинството на македонските народ, македонскиот јазик, македонската држава, на нас како членка на ОН и кандидат за членство на ЕУ, и да не се подлегнува секогаш и по секоја цена на притисоци за да имаме еднострано наметнување на нечие произволно решение, истакна шефот на македонската дипломатија, објасни Милошоски.

Милошоски, кој е и актуелен министар за надворешни работи го поздрави апсењето на воениот злосторник Ратко Младиќ укажувајќи дека на Балканот веќе треба да се престане цели нации да се идентификуваат преку поединции.

-Апсењето на Ратко Младиќ е правилна работа и сметаме дека сите оние сомнежи, обвинувања, критики, или судски процеси кои се поврзуваат со воени злосторства треба да бидат индувидуализирани за да не бидат товар на една држава и со самото тоа да бидат товар за имиџот на целиот регион.-истакна Милошоски.

OhridNews