По информацијата дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој вчера одржа состанок на кризниот штаб на Куманово на кој присуствував и јас, е позитивен на Ковид-19, од денеска ќе бидам во домашна изолација, објави пред малку министерот за здравство Венко Филипче. Тој истакна дека на состанокот ги почитувал сите протоколи за заштита и носел заштитна опрема исто како и останатите присутни.

Ги очекувам епидемиолозите од Институтот за јавно здравје кои освен со мене, ќе направат епидемиолошки анкети и со сите други функционери во Владата кои вчера беа присутни на состанокот. До добивање на епидемиолошка проценка на ризикот и насоки за понатамошно постапување останувам во изолација. Ние го имавме предвид и се подготвуваме и за ова сценарио. Работата на Министерството за здравство продолжува да се одвива непречено, а јас и од изолација останувам во редовна комуникација со комисијата за заразни болести и сите останати инволвирани во овој процес и продолжувам да ги координирам сите процеси во справување со кризата. – напиша на Фејсбук Филипче.

Министерот за здравство истакна дека како и досега, Министерството за здравство редовно и навремено ќе информира за состојбата со коронавирусот во земјата, а прес-конференциите ќе ги прави преку достапните онлајн платформи за оваа намена. Во текот на денот ќе се воспостави техничка можност за ова за да нема застој во однос на информирањето, додаде Филипче.

OhridNews