Со извонредна игра, борбеност и шампионски карактер, ГРК Охрид испиша нова блескава страница во историјата на македонскиот ракомет, совладувајќи ја екипата на Татабања во финалето и освојувајќи го европскиот трофеј. Овој триумф претставува голем успех за македонскиот ракомет и огромна гордост за македонскиот спорт, велат во честитката од Министерството за спорт до ракометарите, стручниот штаб и раководството на ГРК Охрид за историскиот успех и освојувањето на титулата во Европскиот куп на ЕХФ!

ГРК Охрид стана вториот македонски клуб кој успеал да го освои Европскиот куп, по успехот на РК Алкалоид минатата сезона, а воедно и четвртиот македонски ракометен клуб што се закитил со европска титула, покрај освојувачите на Лигата на шампионите – РК Кометал Ѓорче Петров и РК Вардар.

Вашиот успех е резултат на посветена работа, професионализам, визија и истрајност и потврда дека македонскиот ракомет продолжува да биде препознатлив и конкурентен на европската сцена. Министерството за спорт ви го честита овој голем успех и ви посакува уште многу победи, нови трофеи и достојно претставување на Македонија на меѓународната спортска сцена.

Оваа европска титула нека биде поттик за нови достигнувања и уште поголеми успеси на македонскиот ракомет, велат во честитката од Министерството.

OhridNews