Во руралните средини во Република Северна Македонија, моментално преовладуваат мали, фрагментирани земјоделски стопанства со помалку од 2 хектари земјоделско земјиште, што е сериозна пречка за конкурентноста на земјоделскиот сектор на отворениот пазар. Ова е и една од причините поради коишто се намалува интересот за земјоделство од страна на младите и напуштање на руралните средини, а ваквиот тренд ја доведува во прашање иднината на руралните средини и земјоделскиот сектор во целина, истакна во своето обраќање министерот Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, пред учесниците на Постојаната работна група за регионален рурален развој во земјите од Југоисточна Европа, што се одржува во Охрид.

Како решение за ваквата состојба, министерот ја посочува диверзификацијата на економските активности што обезбедува дополнитени извори на приходи за земјоделските стопанства, покрај оние од земјоделската дејност.

  • Во таа насока Министерството ги прилагодува своите политики да стимулира диверзификација на економските активности во руралните средини, преку мерки кои поддржуваат преработка на земјоделски производи, маркетинг, рурален туризам, развој на услужниот сектор во руралните средини итн. Во тој контекст, од исклучително значење е поддршката што ја добиваме од страна на Европската Унија, особено преку ИПАРД 2 програмата. Мерките од ИПАРД 2 овозможуваат подобрување на конкурентноста на македонското земјоделство преку инвестиции во после-бербени и маркетингшки активности, инвестиции во преработувачки капацитети и опрема, развој на нови рурални бизниси, како рурален туризам, креирање на нови работни места, подобрување на физичката инфраструктура и достапните услуги. Сето ова ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот во руралните области, рече министерот Димковски.

Информира дека во тек е јавен оглас за Мерката 7 од ИПАРД 2 „Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси“, од ИПАРД 2, којашто пред се е наменета за развој на руралните средини.

  • Оваа мерка нуди можност за кофинансирање на трошоците за инвестиции воалтернативно земјоделско производство, во изградба или реконструкција на мали преработувачки капацитети, производство на сточна храна и ѓубриво, отворање на градинки, старечки домови, кина во селата, капацитети за сместување со традиционална градба, спротско-рекреативни центри и се друго што е потребно за подобри услови за живот во руралните средини. Со ефикасно искористување на мерката ќе се придонесе за отворање на нови работни места во руралните средини, со што ќе се намали руралната депопулација, ќе се подобри квалитетот на живот во руралните средини и ќе сезголеми нивото на економска активност, посочи министерот.

Додаде дека земјите во регионот се соочуваат со исти или слични предизвици, поради што е неопходна меѓусебна соработка зголемена конкурентност и зачувување на животот во руралните средини.

Министерот за земјоделство изрази подготвеност релевантните и издржани препораки за земјоделските политики како резултат на придонесот на сите учесници на овој Форум, експерти, универзитетски професори, претставници на јавен, приватен, граѓански сектор, меѓународни организации, да се поддржат на идниот Министерски состанок кој што ќе се одржи во ноември во Приштина.

OhridNews