Со концерт, кој ќе се одржи вечерва во Летната кино бавча во Охрид, младите охридски музичари ќе се приклучат кон акцијата ,,Заедно за спас на еден детски живот“.

Забавата ќе започне во 20 часот, а цената на билетот изнесува 100 денари. Билетите може да се купат во Центарот за култура „Григор Прличев“ и на влезот пред самиот концерт. Сите собрани средства од купените билети ќе бидат донирани во фондот на хуманитарната акција што неодамна ја покренаа новинарите за лекување на 11 годишното охриѓанче во Пекинг.

Во рамки на ова акција охридскиот Црвен крст и децата од школата „Бреинобреин“ денеска со почеток во 10 часот на Градскиот пазар во Охрид, ќе продаваат оригами и цреши направени од хартија со што ќе помогнат во прибирањето средства за болното охриѓанче. На денешната прошетка во селото Велестово дечињата ја покажаа својата креативност, но и хуманост сакајќи да направат што повеќе предмети, за да соберат што повеќе пари.

Инаку изминатиов месец Охрид живее во духот на хуманоста. Бројни акции се прават за да се соберат потребните средства за спас на 11 годишно момче од Охрид кое боледува од многу тешка  болест (прогресивна мускулна дистрофија). Потребна е итна операција на клиниката „BY“ во Пекинг, која чини 35 000  евра. Семејството не е во состојба да ги плати трошоците  за оперирање и лекување. Токму затоа новинарите ја покренаа акцијата- „Заедно можеме да спасиме еден детски живот“.

OhridNews