Граѓанската асоцијација МОСТ ја повика Државната изборна комисија да поведе постапка за предвреме започнатата изборна кампања на политичките партии.
Оваа асоцијација од досегашното набљудување на изборниот процес забележала прекршувања на изборните правила кои можат да влијаат врз целокупниот изборен процес.
Од МОСТ сметаат дека непочитувањето на законските одредби и предвреме отпочнатата кампања е поттикната од минималните казни предвидени за тоа, но и од неконзистентната реакција на надлежните институции, во овој случај ДИК. Според нив, ДИК е надлежна да поведе постапка при постоење на основи на сомнение дека е сторена повреда на одредбите од Изборниот законик.
„Дали надлежните органи ќе преземат соодветни мерки против сторителите за предвремено започнување на изборната кампања? Дали партиите средствата кои веќе ги потрошија за настаните со кои предвреме ја започнаа изборната кампања, ќе ги прикажат во своите финансиски извештаи за истата“ вели претседателот на МОСТ, Дарко Алексов.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко во интервју за Радио Слободна Европа пред неколку дена, рече дека ДИК е надлежна да го надгледува изборниот процес и во овој период, меѓутоа таа не е истражен орган.
„За ова многу битно прашање кое партиите го злоупотребуваат нам ни се многу ограничени можностите, значи ние не утврдуваме вина, не можеме да бидеме истражен орган. Можеме да постапуваме во однос на она што конкретно ќе го добиеме како материјал, а тоа и од кога ќе го добиеме треба повторно да го проверуваме, така што се губи многу време во ефикасноста и постапувањето на ДИК“ вели Кондарко.
Во врска со случајот со евентуални списоци на граѓани врз кои се врши притисок за гласање, доколку се докаже како вистинит, според МОСТ претставува сериозно прекршување на меѓународните документи поврзани со изборите и одредби во Изборниот и Кривичниот законик. За повреда на слободата на определување на гласачите предвидена е казна најмалку три години затвор, а ако вакво дело стори член на изборен орган, казната е најмалку пет години.
„Ја поздравуваме одлуката на Јавното обвинителство да поведе постапка за овој случај и апелираме тој да се разреши во најкус можен рок. Укажуваме дека ДИК не може да се прогласи за ненадлежна за овој случај, бидејќи тој може сериозно да влијае врз законитоста на изборниот процес“ рече Алексов.
ДИК вчера ги усвои заклучоците на нејзиниот член Јован Јосифовски и се прогласи за ненадлежна за истражување по информацијата на А1 за списоците.
Во однос на работата на изборната администрација, констатирано е сериозно прекршување на роковите за спроведување на изборните дејствија, формирањето на избирачките одбори во ДКП, дополнувањето на ИО во Македонија и објавувањето на описите на избирачките места.
извор: „Макфакс“










