Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 80-те регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека првиот круг од локалните избори се одржа во фер и демократска атмосфера, а граѓаните слободно излегоа да го дадат својот глас.

– Сите изолирани случаи на фотографирање на гласачки ливчиња беа навремено и ефикасно адресирани од страна на избирачките одбори, во соработка со полицијата која овозможи соодветно спроведување на законските одредби, што не беше случај во минатото. Ова придонесува кон спречување на притисоците врз граѓаните слободно да гласаат. Полицијата исто така беше ефикасна и при отстранувањето на неовластените лица кои беа присутни пред и во дел од објектите во кои се сместени гласачките места, велат од МОСТ.

МОСТ забележале низа на случаи во кои избирачките одбори не дозволуваа гласање во име на друг и семејно гласање. Исто така, значително бил намален и бројот на лица кои се изјаснувале како неписмени и барале помош за да гласаат.

Во однос на гласањето на болните и немоќни лица спроведено пред денот на изборите, на овие избори продолжи трендот на намалување на бројот на ваквите лица, кој според официјалните податоци на ДИК изнесуваше 5.025 лица.

Гласањето на лицата во затвор генерално било спроведено во согласност со законските одредби. Сепак, слично како и на претходните избори, 415 од вкупно 1.882 лица во затвор или притвор не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список, најмногу од нив во КПД Идризово – 351 лице. Причината за ова било тоа што најголем дел од нив имале неважечки лични документи.