Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денес оставри билатерална средба со заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка. На средбата било разговарано за натамошно продлабочување на македонско-чешкото партнерство и политичкиот дијалог, како и за актуелните регионални и меѓународни прашања.

Чешката Република е еден од нашите значајни европски и евроатлантски партнери. Како сојузници во НАТО, ја нагласивме важноста од тесна соработка и координација во услови на сè посложени геополитички и безбедносни предизвици. Посебен акцент ставивме на европската интеграција. Ја цениме принципиелната и континуирана поддршка на Чешката Република за нашиот европски пат и за полноправното членство во Европската Унија, изјави по средбата Муцунски.

Значителен потенцијал, истакна, постои и за поголема трговска размена, нови инвестиции и конкретни партнерства, особено во транспортот и инфраструктурата, енергетиката, туризмот, земјоделството и технологијата.

Мацинка истакна дека Република Чешка го поддржува членството на Северна Македонија во Европската Унија и е подготвена да направи сè што е потребно за земјава што поскоро да стане членка на Унијата

Северна Македонија може да смета на Чешка како пријателска земја. Прага ја следи сложеноста на пристапниот процес на земјава. Но, морам да ве уверам дека е наша приоритетна цел да ја видиме Северна Македонија во Европската Унија што е можно побргу и сме подготвени да направиме сè што ќе биде потребно. Тоа не е само битно за вас, туку и за нас. Европската Унија треба да го вреднува степенот на подготвеност на Северна Македонија за членство, како и напорите и отстапките што земјата ги направила во изминатите години, рече Мацинка.

По билатерална средба помеѓу министрите следеше и пленарна средба меѓу делегациите на двете министерства.

OhridNews