Пратеникот Крсто Мукоски, кому вчера кривичниот суд во Скопје му изрече 30-дневен притвор, денеска почнал штрајк со глад. Како што дознавме, тој уште од изутрината одбивал да ја земе затворската храна во Истражниот затвор Скопје. За случајот е известена затворската управа по што веднаш медицинско лице му извршило преглед и било констатирано дека засега е во добра здравствена состојба.

Неговиот адвокат Игор Кичеец поднесе жалба до Кривичниот совет против притворот кој вчера му беше изречен, заедно со уште двајца пратеници поради учество во инцидентите во Собранието на 27 април годинава.

Претходно со глад штрајкуваше и поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, кому судот исто така му изрече мерка притвор за крвавиот четврток.  Чавков доби 30-дневен притвор на барање на Јавното обвинителство кое го товари него и уште 35 лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Како што дознавме од затворски извори, тој некогаш ја земал, а некогаш ја одбивал храната во затворот изминативе денови.

OhridNews
Макфакс