Музички таленти од повеќе европски земји, од САД, Кина и Сингапур ќе бидат дел од се тринаесеттиот Интернационален натпревар за млади музичари „Охридски бисери“ што до 21 јуни ќе се одржува во Охрид.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески кој вчеравечер присуствуваше на свеченото отворање на натпреварот, рече дека наредните неколку дена Охрид ќе живее во знакот на младоста и постојаниот порив за совршена музичка изведба.

-Звуците на пијаното и виолината, од под сводовите на катедралната црква „Света Софија“, спокојно ќе се шират низ охридските улици и старите сокаци, ќе се лизгаат низ мирните езерски води и кон светот ќе упатуваат уметнички и хумани пораки. На таквите пораки ќе Ве мотивира сознанието дека во прекрасната „Света Софија“, повеќе од пет децении, во рамките на фестивалот „Охридско лето“ настапувала елитата на светската музичка репродуктивна уметност, истакна градоначалникот Бакрачески во своето обраќање.  

На свечено отворање на натпреварот публиката во Центарот за култура „Григор Прличев“, уживаше во едночасовниот концерт на гудачкиот оркестар „Даворин Јенко“ од Белград, Србија и  музицирањето на солистите: Петар Пејчиќ на виолончело и Страхиња Павловиќ на кларинет.

На интернационалниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ учество ќе земат 162 кандидати кои ќе се натпреваруваат во дисциплините  пијано и виолина . Натпреварот ќе го следи интернационално жири од истакнати и признати светски музички педагози.

OhridNews