Оркестар ДИВА – Битолски Камерен Оркестар, и ова лето ќе ѝ го подари на публиката во Охрид и Битола „Flowers Symphony“, концерт исполнет со емоции, прекрасна музика и повеќе од сто учесници на сцената.
Охридската публика ќе има можност да ужива во концертот на 18 август, со почеток во 21 часот, во Долни Сарај, додека еден ден претходно, на 17 август, „Flowers Symphony“ ќе биде изведен во НУ Завод и Музеј во Битола.
На сцената ќе настапат повеќе од сто учесници, а годинашната програма е збогатена со нови музички содржини. Покрај познатите италијански канцони и оперски арии, ќе бидат изведени и култни филмски теми од познати остварувања, потпишани од големите композитори Енио Мориконе, Џон Вилијамс, Ханс Цимер и други.
Како солисти ќе настапат Јаворка Витанова, Виолета Арсовска, Зана Абази Рамадани од Косово, како и гостинките Нада Талевска и Билјана Талевска. Дел од концертот ќе биде и хорот „Гортинија“, под водство на Илија Атанасов, а диригент е Владимир Димовски.
„Flowers Symphony“ носи спој на оркестарска музика, вокални изведби и препознатливи мелодии, во амбиентот на две атрактивни летни сцени.
Билетите се пуштени во продажба преку „yournextevent.info“, како и во Тобако Димпо и кај Аждер.
OhridNews











