Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на денешната прес-конференција рече дека во моментов изборниот процес се одвива во мирна атмосфера и дека не се забележани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир поврзани со гласањето на локалните избори. Тој извести дека до Министерството за внатрешни работи досега се стигнати 3 пријави за фотографирање на гласачкото ливче, во Шуто Оризари, Црниче и во Пробиштип.

Ангеловски соопшти и за инцидент во Шуто Оризари каде што едно лице пријавило дека е нападнато од повеќе напаѓачи. Тој рече дека полицијата работи на расчистување и на овој случај.

На крајот тој упати апел до сите политички партии и до нивните следбеници да се воздржат од какви било инциденти затоа што МВР нема да толерира никакви нарушувања на изборниот процес.

OhridNews
Макфакс