Министерството за внатрешни работи ги известува сите ученици кои сакаат да аплицираат на јавниот повик за прием во Средното полициско училиште, потребните документи да ги достават во оригинал или копија заверена на нотар.
Апликантите кои учеле прва и втора година во средните училишта ширум државата, не треба да се отпишуваат од истите во процесот на аплицирање и селекција. Со примените кандидати (родител, старател, законски застапник) Министерството за внатрешни работи склучува договор за школување, а со истиот понатаму се регулираат процедурите и обврските кон училиштата во кои учеле прва и втора година. потенцираат од МВР.
Министерството на 2 јули објави јавен повик за прием на 200 редовни ученици кои имаат интерес за запишување во Средното полициско училиште „7-ми Мај“ во Полициската академија.
Во повикот беше наведено дека редовните ученици кои завршиле втора година средно образование во средните училишта на територијата на Република Северна Македонија (кандидатите) треба да ги исполнат општите и посебните услови за прием и селекција утврдени со закон и подзаконски пропис донесен врз основа на закон.
Секој од кандидатите треба да ги исполни општиte услови: да е државјанин на Република Македонија, да нема навршено 18 години возраст на денот на објавување на јавниот повик за прием на ученици во Средното полициско училиште, активно да го користи македонскиот јазик и да е здравствено и психофизички способен.
Исто така, општиот успех во двете завршени години средно образование треба да биде најмалку „добар“ и на ученикот да не му се изрекувани педагошки мерки во училиштето каде што ги завршил прва и втора година средно образование во средно училиште.
Потребната документација треба да се поднесува во рок од 15 (петнаесет) дена, не сметајќи го денот на објавување на јавниот повик до секторите за внатрешни работи меѓу нив и СВР Охрид во период од 08 до 16 часот.
OhridNews










