Најмалку 20 лица загинаа во силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што денеска ја погоди западна Колумбија, јавуваат светските агенции. Има и повредени, а спасувачките екипи трагаат по лица затрупани под урнатините.

Според Американскиот геолошки институт – USGS, епицентарот на земјотресот бил на околу пет километри источно од Сан Хосе дел Палмар, во департманот Чоко, на длабочина од 107 километри. Потресот е регистриран во 07:34 часот по локално време.

Најтешко е погоден градот Переира, каде локалните власти потврдија најмалку 18 загинати и урнати објекти. Две жртви се регистрирани и во Манисалес. Значителни оштетувања и повредени има и во други делови од западна Колумбија.

Земјотресот бил почувствуван во голем дел од Колумбија, вклучително и во главниот град Богота, како и во соседен Еквадор. По главниот удар се регистрирани и последователни потреси.

Надлежните служби сè уште ги проценуваат последиците, поради што се очекуваат нови информации за бројот на жртви, повредени и причинетата материјална штета.

OhridNews
Фото: Илустрација