Од 28- ми мај до 1- ви јуни, во Охрид за прв пат ќе се одржи аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“. Фестивалот е во рамки на програмите на Црвен крст за промоција и негување на хуманите вредности, поттикнување и развивање на креативноста кај младите.

– Целта на овој Аматерски Младински Театарски Фестивал е поттикнување на средношколците во градот Охрид за искористување на својот театарски потенцијал, креирање театарска игра и прикажување театарски претстави. Фестивалот е можност за промоција на работата на драмските секции од училиштата, но и поттик за професорите во осмислување и креирање на драмски текст. Самиот фестивал ќе биде еден чекор напред во подигнување на театарската култура, не само кај младите, туку и кај останатите граѓани, а воедно и збогатување на културната понуда во градот, велат организаторите.

На овој пет дневен младински театарски фестивал, својот актерски талент, низ 6 театарски претстави ќе го прикажат преку 100 талентирани млади актери-аматери од Охрид, Кичево, Ужице и Крагујевац, што воедно ќе отвори можност за сплотување на театарски групи од градот и соседните држави, соработка, размена на искуства и стекнување нови пријателства.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на 28- ми мај, среда, во предворјето на црквата „Св.Софија“ со почеток во 20 часот со прикажување на претставата „Суд за морални вредности“ во изведба на театарската група на Црвен крст Охрид.

OhridNews