Со чартер лет од Катовице на авиокомпанијата „Смол планет ерлајнс“, а во организација на најголемиот полски тур-оператор „Рего-бис“, денеска на аеродромот „Св „Апостол Павле“ пристигна првата група туристи од Полска. Овој лет во текот на летната сезона ќе се реализира еднаш неделно што ќе придонесе за зголемување на бројот на полски туристи на охридската ривиера кои ги има се повеќе во изминатите неколку години.

– Денеска сме тука да им посакаме добредојде на 220 туристи од Полска кои верувам ќе уживаат во културното и природното богатство на Македонија и со себе ќе понесат добри импресии, што ќе придонесе во иднина да имаме повеќе туристи од Полска. -истакна генералниот менаџер на аеродрмомите Тав Алпер Ерсој.

Покрај од Катовице, се планира воведување на чартер лет и од главниот град на Полска Варшава, најави Габриела Менка Сокулу, генерален менаџер на туроператорот „Рего-бис“

-Благодарение на воспоставената соработка преку 5000 полски туристи ова лето ќе ја посетат Македонија. Околу 3000 ќе допатуваат со авион, а останатите со комфорни автобуси на секои десет дена. Mакедонија се уште е неоткриена дестинација за полските туристи. Се надевам дека со ваша поддршка добро ќе ја завршиме работата и догодина ќе допатуваат повеќе туристи од Полска. – рече Габриела Менка Сокулу.

Домашната агенција „Фибула“ која е партнер на „Рего-бис“, се надева дека денешниот настан е само почеток на една успешна соработка помеѓу Македонија и Полска во областа на туризмот.

-Ќе се потрудиме полските туристи да добијат добра претстава за можностите кои ги нуди Македонија. Предвидена е посета не само на Охрид и Струга, туку и на другите убавини кои ги има нашата земја. – рече Асим Меѓедовиќ од ТА „Фибула“.

На пристигнувањето на првиот чартер авион од Катовице во Охрид присуствуваше и новиот министер за транспорт и врски Горан Сугарески кој најави поддршка за туризмот.

-Нашата заложба како влада е да го унапредиме авио сообраќајот да можат што повеќе туристи да дојдат во Република Македонија и ја поздравувам одлуката на полскиот туроператор да го одбере Охрид за дестинација кон која ќе реализира туристички чартер летови. – истакна министерот Сугарески. Тој додаде дека секоја одлука која е добра за туризмот и туроператорите новата влада ќе ја поддржи, најавувајќи дека се подготвува прес конференција на која ќе бидат изнесени детали за реализацијата на програмата за субвенционирање за која, како што рече, има многу шпекулации.

Покрај чартер летовите од Полска, на охридскиот аеродром за време на летната сезона ќе сообраќаат и сезонски летови од Холандија, Белгија, Израел и Србија, како и редовните линии од Лондон, Базел и Цирих со „Визер“ и „Германиа Флуг“.

Г.М.