Привршува двогодишниот проект за користење личен асистент од страна на лицата со инвалидитет. Од Охрид во проектот беа вклучени осум лица кои имаа можност во текот на еден месец да користат асистент во извршувањето на секојдневните обврски. Корисниците задоволни, се надеваат дека ваквата помош ќе продолжи и во наредниот период.
– Многу е полесно и за нас како членови на семејството, но и за самите корисници, лицата со инвалидитет. На овој начин можеме да излеземе завршиме некоја работа, а и мојот сопруг може да биде независен од мене, барем тие неколку часови додека асистентот е со него, вели сопруга на лице со инвалидитет.
Маријана Јанковиќ, експерт за лична асистенција, вели дека е позтивно изненадена од реакциите и резултатите постигнати само по еден месец.
– И покрај краткиот период многу сум пријатно изненадена од реакциите. Лицата со инвалидитет се позадоволни, а задоволни се и останатите членови од семејството. Единствено барање е оваа услуга да може и понатаму да се користи, вели Јанковиќ.
На денешната тркалезна маса на која беа присутни корисници на ваква помош од Охрид, координатори на проектот, даватели на услуги, од локалната самоуправа и Центарот за социјални грижи, се разговараше околу можностите за продолжување на проектот, како и за првичните искуства.
– Локалната самоуправа секогаш, според можностите, излегува во пресрет. Ќе се разгледаат и овие иницијативи, решението сепак е институционално. Треба со една ваква иницијатива да се излезе пред владата . Луѓето имаат потреба од ваков личен асистент , а со тоа ќе им се реши и вработувањето на околу 2000 луѓе во Македонија, вели заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Понатамошната судбина на проектот зависи од надлежните. Проектот е поддржан од Европската унија, корисник е Министерството за труд и социјална политика, а вклучена е и Агенцијата за вработување. Провајдер е ЗТИ „ Мобилност“.
Ohridnews














