Во Охрид има вкупно 4 мерни станици на Охридското езеро. Главната станица која е во градот Охрид е единствената која е во функција и е оперативна. Дополнителни има  три станици во Калишта, Пештани и Св. Наум кои што не се во функција. На мерните станици во Калишта и Св. Наум има мерни летви, но нема набљудувачи. Преку донаторски средства, наскоро планирани се дигитални станици на овие две места, се вели во извештајот од мониторингот спроведен од страна на Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии.

Во Охрид има еден набљудувач и дигитална станица, но поради лош квалитет на водата, често податоците од терен се неусогласени и поради тоа сензорот е исклучен. Тековно се набавени нови материјали и инструменти за да може да се заменат и да бидат во функција. Во соработка со Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ, направена е информативна табла за водостој на Охридско Езеро во центарот на градот, но сепак потребен е нов софтвер за да има посинхронизирани податоци. Брановите во езерото може да го менуваат нивото на водата од реалната од -50 см до 2 метри, се додава во извештајот.

Од УХМР сметаат дека е многу дискутабилно како да се направи тој мониторинг да биде едноставен, а разбирлив за граѓаните. Неприкажувањето на точни синхронизирани податоци може да допринесе до забуна кај граѓаните. Меѓутоа, во моментот, дигиталната табла 7 во Охрид која треба да покажува моментални податоци за температурата на воздухот, водостојот на Охридско Езеро и температурата на водата е надвор од употреба, се додава во извештајот од мониторингот спроведен од страна на Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии.

OhridNews