На локалитетот Плаошник каде во тек е реконструкција на Свети Климентовиот универзитет, ќе никнат реплики-клонови на познати светски универзитети. Ова го најави археологот Паско  Кузман, директор на Управата за заштита на спомениците на културата.

„Ќе им дадеме можност на светските универзитети да имаат свои клонови веднаш позади Свети Климентовиот универзитет. Така Свети Климентовиот универзитет ќе добие на значење, бидејќи таму е предвидено да се изградат реплики на „Оксфорд“, „Кембриџ“ и на други светски познати универзитети“, вели Кузман.

Во моментов на Плаошник се откриваат многу тајни, додава Кузман, но и другите локалитети во Охрид како Самоиловата тврдина, Киклопските ѕидини, Античкиот тетар и други, кријат уште многу тајни. Сите тие локалитети во иднина ќе бидат постепено откривани и ќе бидат дел од репрезентативното културно наследство на Македонија, вели Кузман.

Г. Момироски