Референдумското гласање во Охрид мина мирно, без проблеми. На гласање излегле околу една третина од вкупно запишаните граѓани во Избирачкиот список.

Како што информира ОИК, во Охрид до 18.30 часот од вкупно запишаните 52.195 граѓани, правото на глас го искористиле 15.872, или 30.44 %. Оттаму појаснуваат дека околу 8000 граѓани на Охрид се запишани на посебниот избирачки список, бидејќи се отселени со години.

Без проблеми, со помали инциденти надвор од избирачките места кои се расветлени од страна на полицијата, мина референдумскиот ден во Струга. Од вкупно 60.169 граѓани запишани во ЕИС, до 18.30 часот правото на глас во Струга го искористиле 22.120 избирачи, или 36.78 отсто.

Засега ниту ОИК во Охрид, ниту таа во Струга не располагаат со подетална аналитика, во кои реони има најголема, а каде има најмала излезност, но останува впечатокот дека таа е значително помала во споредба со последните парламентарни избори, иако од изборните комисии велат дека поради големата различност на двата демократски процеси, не можат да се прават такви анализи.

Г.М.