Најстариот активен приватен ресторан во стариот дел на градот, „Св. Софија“ на охридското семејство Пендовски, одбележува триесет години од постоењето. Низ децениите работа, ресторанот „Св. Софија“ прерасна во култно место, за кое се поврзани многу настани и приказни кои со задоволство се раскажуваат.

-Триесет години од една страна се многу, од друга страна поминаа брзо. Идејата да отвориме ресторан како семеен бизнис датира од осмдесеттите години. Тогашниот систем не дозволуваше приватни бизниси во угостителството, а кога тоа стана возможно во 1988 година го отворивме ресторанот „Св. Софија“. И така започна приказната, на почеток со триесеттина места, па низ годините се менуваше и прошируваше, за денес да е тоа што е. – вели Митко Пендовски, сопственик на ресторанот „Св. Софија“.

Митко се сеќава на почетоците од работата на ресторанот „Св. Софија“.

-Како се менуваа времињата, така се менувавме и ние, според состојбите и можностите. „Св. Софија“ мина низ повеќе системи, се отвори во социјализмот, па дојде осамостојувањето на Македонија и транзицијата, па демократизацијата на државата, онолку колку што е демократска, низ насмевка раскажува Пендовски. Секое време имаше свои убави моменти и предизвици, додава тој.

-На почетокот се соочувавме со проблем да набавиме пијалаци, па моравме да шверцуваме од фришопови и да се снаоѓаме по разни канали. Тогаш можеби недостасуваа многу работи, но луѓето и навиките беа поинакви. Беше порелаксирано, а луѓето беа потопли, секогаш расположени за дружба и веселба. Не беше потребен посебен повод, доволно беше да се сретнат само во добро расположение, па да биде „фешта“ до сабајле. – се потсетува Пендовски.

Низ годините во ресторанот „Св. Софија“ поминале многу гости, меѓу кои и многу познати и славни личности.

-Во „Ресторанот „Св. Софија“ биле сите премиери на Македонија од осамостојувањето до денес, сите претседатели, многу министри, странски државници, претставници на дипломатскиот кор, но и познати музичари, актери и други јавни личности. – набројува Пендовски.


За ресторанот „Св. Софија“ врзана е прекрасна традиција за празникот Богојавление – Водици и возобновувањето на масовното одбележување на овој празник во Охрид.

-Со група пријатели дојдовме до идеја да го формираме здружението „Богојавление“ со цел да го омасовиме одбележувањето на Водици и да ја искористиме традицијата во туристички цели. Мислам дека успеавме, бидејќи идејата ја прифатија туристичките работници и угостителите, градот, црквата… Водици се слават насекаде, но во Охрид тоа е нешто посебно. Оваа прекрасна народна традиција ја издигнавме на едно високо ниво и денес таа е препознатлива не само во земјата и регионот, туку и пошироко, на што сум посебно горд. – рече Пендовски.

Ресторанот „Св. Софија“ денес е еден од напрепознатливите угостителски објекти во туристички Охрид. Како што се менуваат времињата, така се менуваат и гостите, вели Пендовски.

-Некогаш 90 проценти од гостите беа локални и домашни. Денес, за среќа или за жал, 90 проценти од посетителите се странски гости. Од една страна тоа е добро затоа што е показател дека Охрид туристички се развива, но од друга страна не е добро тоа што голем број од нашите луѓе не можат да си дозволат еднаш неделно или месечно да излезат во ресторан на ручек или вечера. – истакнува Пендовски.

Тој смета дека Охрид има голем потенцијал за развој на туризмот и дека позитивните трендови треба ги препознаат сите чинители, да се подобруваат условите за работа и инфраструктурата и да му се даде поголема шанса на бизнисот кој ќе знае како да ги валоризира вредностите на градот, кој е меѓу ретките во светот чие културно и природно наследство е заштитено од УНЕСКО, подвлекува Пендовски.

Ресторанот „Св. Софија 30-годишнината од работењето ќе ја одбележи со своите гости и пријатели, со отворени врати и во препознатлив амбиент кој три децении е синоним на успешно работење и вистински репрезент на доброто угостителство во Охрид.

OhridNews