Соочени со неминовниот пораз и со казната на народот на 5-ти јуни, ВМРО-ДПМНЕ секојдневно го зголемува интензитетот на својата валкана кампања. Започнаа со дрва, продолжија со социјални пакети од “Тинекс“ и пари, најверојатно од оние 220 милиони кредит од ММФ, велат од општинската СДСМ.
– Во текот на вчерашниот ден, директорот на Општата болница во Охрид, на сите оние кои одбиле да одат на нивниот Митинг во Скопје, им врачил нови решенија со кои се распределуваат на други работни места. Во оваа здравствена институција се отишло до таму, што се убедувале и болните лица да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Последните три дена, на адресите на сите регистрирани фирми во Охрид, дури и на оние кои со години се згаснати и не работат, стигнуваат флаери со ликот и “патриотското дело“ на Антонио Милошоски, обвинуваат од општинаската СДСМ.
” Недостигот од ниту една иницијатива и идеја за Охрид ве натера во ваш стил повторно да пишете соопштенија полни со лаги и измами”, на ваквите обвинувања возвратија преку допис од ОК на ВМРО- ДПМНЕ.
– Ги гледаме вашите гнасни активности низ Охрид и досега не реагиравме. Но, немојте да мислите дека и ние и народот не знаеме дека трошите пари од граѓаните на Охрид за вашите изборни цели преку локалната самоуправа и јавните претпријатија. Немојте да мислите дека не знаеме и дека народот не знае дека ги малтретирате сограѓаните, дека отпочнавте со поткуп на своите сограѓани, дека ги манипулирате луѓето од ЕМО, дека ги манипулирате нашите сограѓани од другите етнички групи и дека вршите силеџиство врз вработените во општинските институции. Народот нема да ви го заборави тоа, велат од ОК на ВМРО- ДПМНЕ.










