Грижата за младите е институционална и не само државата, туку и локалната самоуправа треба да покаже грижа, како институционална, така и финансиска. Законската одредба е утврдена во 2020 кога е донесен Законот за младинско учество и младински политики, но сеуште недостига политичка волја на локално ниво за поддршка на младите. Ова беше посочено на Четвртиот национален форум за младинска работа кој се одржува во Охрид со јасна порака дека младите се клучниот столб на заедницата.

Искуството покажува дека оние младински центри кои што се формирани, кои што немаат или имаат многу мала финансиска поддршка од општината, тие згаснале. Тоа е само доказ дека буџетирањето за младинските потреби треба да биде засебно и тој буџет треба да биде достоен согласно на барањата на младите. Младинскиот центар во Охрид е пример кој што покажува дека финансиската поддршка обезбедува долгорочното функционирање. Без финансиска поддршка ништо не може да биде функционално. Така што секоја една структура која што ја градиме во општините мора да биде подржана и од општината, но мора да бидат подржани и од младите да знаат како да ја применуваат и практикуваат. Ова е и порака до сите градоначалници, сите претседатели на совети и советници во локалната самоуправа дека треба сериозно да го земат во предвид гласот на младите, да делуваме превентивно во иселувањето, да сфатат младите дека се важни, сè уште клучни во оваа држава, во оваа заедница, во нивната општина, вели Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.

Оваа година доделуваме осум награди на осум општини како мотив или стимул за останатите градоначалници, останатите општини да го издигнат нивото на потреба на младите повисоко на својата агенда, да ги поддржат младите во својот развој, да формираат локални младински совети, да овозможат учество на младите во нивната работа и да воспостават младински центри како простор каде што младите ќе ги надградуваат своите вештини после училишните клупи. Во суштина, примерот на Охрид е само показател како треба да се обезбеди дополнителна поддршка на младите вон наставниот процес, односно надвор од образованието, каде што младинските работници се грижат за нивниот развој, професионален, персонален, ги насочуваат во нивната иднина и нивна кариера и им помагаат да го градат својот пат кон својата визија, додаде Илиески, изразувајќи уверување дека во нареден период законот кој што треба да се креира, законот за младински работници ќе креира уште една професија, уште еден кадар во државата кој што на безбеден начин ќе се грижи за растот и развојот на младите.

Ова место, денес претставува важен простор за младинско организирање, неформално образование, развој на вештини, волонтерство и активно учество во општествените процеси. Покрај тоа, Општина Охрид ги воспостави и институционалните механизми за младинско учество, а тоа се Локалниот совет на млади и Локалното младинско собрание. Исто така, донесовме и Локалната стратегија за млади, како основа за системско планирање и спроведување на младинските политики. Но, секако нашата заложба не завршува тука. Следниот значаен чекор е отворање на Младинскиот културен центар. Во таа насока, веќе е реализиран јавен конкурс за идејно архитектонско решение за адаптација на постојниот објект во поранешната касарна, а избраното решение претставува основа за следните фази на проектот и неговата реализација. Имаме визија да создадеме место кое ќе им припаѓа на младите. Простор во кој ќе се раѓаат нови идеи, ќе се развиваат таленти, ќе се создаваат културни содржини и ќе се поттикнува младинската креативност, рече Пецаков.

Признанието е потврда за досегашната работа, но и дополнителна одговорност да продолжиме со унапредување на условите за младите. Морам да нагласам дека оваа награда им припаѓа и на сите младински организации, младински работници, активисти и пред се на младите Охриѓани, кои со својата посветеност придонесуваат Охрид да биде подобро место за живеење, додаде Пецаков.
УНДП ја поддржува работата со младите долги години, ако не и децении, истакна Ана Чернишова, заменичка на постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Северна Македонија, посочувајќи дека за нив и за Владата на Северна Македонија, поддршката на младите луѓе е од критична важност.
Сите знаеме кои се главните грижи на младите луѓе, тоа се работните места, сигурноста на работното место, здравството, образованието. Би сакале да се осигуриме дека младите се заинтересирани да останат во сопствената земја, да придонесат кон оваа економија, дека нивото на среќа и задоволство од живеењето во земјата е многу високо. Затоа, за ова е многу важно да се поддржат напорите на општините и на Владата. Па, тука денес исто така ќе сведочиме на доделувањето награди „Младински пријателски град“ на осумте врвни општини. Затоа, во УНДП сме навистина среќни што можеме да ја поддржиме оваа работа и јас лично веќе поддржав најмалку четири или пет настани поврзани со младите – за климата, за наградувањето на младински активисти, за регионални награди, за мир, па оваа работа ќе продолжи за да се осигуриме дека младите се вклучени во секоја фаза од процесот, вклучително и во носењето одлуки и политичкото учество, посочи Чернишова.
Директорката на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов, посочи дека поддршка на младите им даваат преку програмите Еразмус плус и Европски солидарен како и преку други стратешки европски соработки.
Ги вклучуваме младите и младинските работници, преку неформалното образование да можат да се стекнат со обуки, компетенции, кои што навистина сметам дека се многу важни за да можеме да ги поврземе на национално и на локално ниво. Секако дека имаме сè уште предизвици со кои што се соочуваме, но сметам дека во овој момент соработката која што ја имаме на национално ниво, со сите релевантни институции, на локално ниво и со невладиниот секторите е многу важна и круцијална. Повторно ќе повторам има предизвици со кои што се соочуваме, но затоа сме тука, затоа дебатираме, го слушаме гласот на младите луѓе, за да можеме да ги вклучиме поактивно во општеството и да бидат навистина квалитетни чинители во активното граѓанство, додаде Михајлов.
Новите генерации сè повеќе сакаат да се активираат околу посебни теми кои што им значат на нив и се активни многу повеќе отколку само гласање на демократски избори, посочи Биљана Цветановска Гугоска, шефица на канцеларијата на УНФПА.
Токму таквите активности како што се младинските совети и младинските центри преку кои што младите ги практикуваат своите активности се поддржани од УНФПА. Сметам дека настаните како денешниот се исклучително можност за дијалог помеѓу централната и локалната власт, но и младите како активни чинители во ова општество. Особено Законот за младинска работа којшто УНФПА како една од агенциите на Обединетите Нации којшто активно го поддржува, е во интерес на сите нас бидејќи демографските политики укажуваат на тоа дека младите сè почесто ја напуштаат земјата. Ние преку нашата агенција УНФПА работиме на креирање на бази на податоци кои што укажуваат на тоа дека е потребно да се инвестира што е можно повеќе во спречување на заминувањето на младите луѓе преку креирање на можности пред сè од економски карактер, но се разбира и од карактер на демократско учество во носењето на одлуки како на централно така и на локално ниво, додаде Цветановска Гугоска.
Инаку, во текот на Форумот ќе се реализираат панел-дискусии, работилници, презентации и интерактивни сесии насочени кон унапредување на младинската работа и зајакнување на меѓусекторската соработка.
Н.С.Ј.















