Стапката на невработени млади луѓе од 15 до 29 години  во Република Македонија е 40,1 % во вториот квартал од 2017 година, или во апсолутна бројка 85.308 лица, покажуваат податоците на министерството за труд и социјална политика. Околу 130.000 млади лица од 15-29 години, не се ниту во образовен процес, ниту во евиденцијата на Агенција за вработување на Република Македонија, ниту во работен однос. Токму тие ќе бидат една од главните таргет групи за вклучување во Младинската гаранција, тело кое има задача да работи на една од приоритетните цели на Владата- младите да ја проектираат и градат својата иднина во својата татковина.

Активирањето и промовирањето на вработувањето на младите и нивно интегрирање на пазарот на трудот може во голема мера да го подобри преминот на младите од училиште на работа. Квалитетната понуда за вработување, натамошно образование, стажирање и практикантство се клучни за успешното интегрирање на младите во пазарот на трудот и намалување на одливот на образован кадар од земјата, потенцираат од министерството.

– Иселувањето на младите е една од поголемите трауми на нашата земја и таа носи големи последици и за иднината. Затоа мораме посветено да работиме на создавање перспектива за младиот човек, да ги зголемиме шансите за пристоен живот, а да ги минимизираме причините поради кои младиот човек го напушта својот дом и земја”, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на првиот состанок на Координативното тело за подготовка и имплементација на Гаранцијата за млади.

Спроведувањето на Гаранцијата за млади во Европската унија генерираше многу научени лекции и искуства, кои ќе се земат во предвид при имплементацијата во Македонија.

OhridNews