Продолжување на туристичката сезона и креирање на туристички производи кои би се продавале преку систем креиран за оваа намена, е целта на Проектот ЛАктив туризам, европски партнерски проект на мрежата на европски езера, а во чија реализација се вклучени локалната самоуправа, ФТУ и туристичката агенција Вис Пој.

– Целна група на проектот се сениорите, кои треба да се поттикнат и мотивираат да патуваат вон главната туристичка сезона, бидејќи проблемот со кратката главна сезона, во јули и август, е детектиран кај сите градови со езера. Првите ефекти на проектот се веќе остварени со доаѓањето на првата група од 60 гости од Италија кои на почетокот на месец мај имаа можност да го доживеат Охрид во сиот негов сјај, да ги видат културното и природното наследство, да уживаат во традиционалната храна и музика, вели Антонио Балески од Секторот за туризам при локалната самоуправа.

Од агенцијата Вис Пој потенцираат дека гостите од Италија си заминале од Охрид со прекрасни впечатоци.

– Можам слободно да кажам дека програмата помина во најдобар ред, гостите беа презадоволни за минаа со многу убави впечатоци, дури добивме информација од нашите партнери дека доколку имале слободни места во авионот би наполнале уште еден автобус. Така што може да очекуваме дека проектот ќе вроди со плод и можеме да очекуваме гости од сите градови кои што се вклученио во овој проект, нагласува Јаким Маленко од ТА Вис Пој.

Задачата на ФТУ е да спроведе истражување за личниот избор и потребите на сениорите кои го посетуваат Охрид и врз основ на тоа да се изработат туристички производи кои ќе одговараат на оваа целна група.

– Сето тоа не е толку едноставно да се направи, бидејќи најголемиот дел од нив го преферираат летото како период во кој сакаат да патуваат. Помал дел изибираат есен или пролет за посета на Охрид и минорен број во зима или за време на празници кога има одредени настани, објаснува деканот на ФТУ, Цветко Андреески.

Спороведените анализи од страна на ФТУ врз 300 испитаници покажале дека најголема атракција за странските гости е културното наследство. На второ место е природното наследство, на трето место гастрономските настани и храната, а потоа сите останати активности.

Т.К.