Во пресрет на матурските прослави, СВР Охрид, на целото подрачје што го покрива, ја отпочна превентивно-едукативната кампања „Среќни и безбедни матурски вечери“. Претставници од оделението за превенција, од денеска ќе бидат во средношколските центри во Охрид, Струга, Кичево и Дебар и со матурантите ќе разговараат за неопходните мерки за безбедност при одржувањето на матурските прослави.

– И годинава, полициски службеници ќе се грижат за безбедно и непречено одржување на матурските вечери на целото подрачје што го покрива СВР Охрид. Во таа насока, со планираните безбедносни мерки, покрај учениците, ќе бидат запознаени и советодавните групи граѓани, училишните одбори, раководните и стручни служби во училиштата а посебни средби се планирани со агенциите за обезбедување, угостителските објекти и со други чинители, што е во согласност со концептот за полициско работење во заедницата. Планираните мерки се преземаат со цел елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир и појава на други асоцијални однесувања како и спречување на управување на моторни возила под дејство на алкохол или психотропни супстанци, потенцира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Низ видео презентации, матурантите ќе се запознаат со законскиот процес на стекнување на правата и законските одговорности, со обврските за почитување на законите за прекршоци против јавниот ред и мир, законот за безбедност на патиштата, кривичниот законик како и со другата законска легислатива во Република Македонија. Пред учениците-матуранти, ќе се презентираат и законските обврски на полициските службеници.

СВР Охрид, слични активности ќе презема и за безбедно одвивање и на полуматурските прослави на целото подрачје.

OhridNews