Од годинава во сите детски градинки во Охрид ќе се интензивираат активностите за  подигање на еколошката свест кај најмладите. Тие ќе имаат можност да учат за заштедата на електричната енегрија, водата, но и како да се грижат за одржување на здравата средина во градинката и да допринесуваат за што поуреден еколошки двор. Тоа се и четирите основни стандарди кон кои ќе се насочат еко- активностите на најмладите.

Како што објаснува директорката на детската градинка Јасна Ристеска, Марина Петроска- Тодороска, активностите за подигање на еко- свеста кај најмладите и претходно биле дел од воспитно- образовната програма, но од годинава тие ќе бидат поинтензивни. За нивното реализирање ќе бидат формирани и еко одбори.

Во нив ќе членуваат вработени од градинката, претставници од родителите, медиумите, бизис секторот. Еко- одборот ќе треба да одлучи за секоја идна активност која ќе биде реализирана. Ќе бидат формирани во секој објект кој функционира во рамки на градинките, објаснува Тодороска.

Со цел што поголема интеграција на еколошката едукација во градинките и нејзино подигање на повисоко ниво , деновиве од страна на министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и програмскиот директор на Здружението на граѓани ОХО, Александра Младеновска Костиќ беше потпишан Меморандум за соработка за реализација на програмата ,,Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем,, во јавните општински установи детски градинки во Република Македонија со што тие ќе постанат еко-градинки.

OhridNews