Каде потфрли општеството кога е во прашање насилството меѓу учениците? Каде и кај кого да се бара грешката и кое е решението за проблемите со зачестениот булинг во училиштата? Имаат ли професорите авторитет кај денешните ученици? Анализираме во “Напладне” со Перчо Божиновски, професор по македонски јазик во охридската гимназија „Св. Климент Охридски”.

Наставниците се тие кои први треба да забележат кога нешто се случува, а најважно е да разговараат со нив. Не да биде само директен разговор, колку да биде само направен, туку истиот да биде стручен. Најважно е да се разговара за проблемите, вели Божиновски.

Долгите години на нарушување на образованиот процес и тргнувањето на воспитната компонента која особено последните години драстично се изгуби во образовните институции и остана само образовната, којашто гледаме дека со последните промени на плановите и програми предизвикува незадоволство и кај наставниците и учениците и родителите. Тие резултати доведоа до еден морален пад, нарушени морални вредности, се обезвредни таа воспитна, образовна компонента, се обезвредни семејната врска која е многу важна, потенцира.

Случувањата во самата средина доведе до оттуѓување и може да се забележи и проблемот кој го имаат учениците во комуникацијата.

Сум се соочувал со ученици кои реагирале на различни ситуации, но генерално сите тие биле детски шеги кои не ја надминуваат границата каде треба да се оди со изрекување на педагошки мерки. Досега завршувало само со усмена опомена, но потребен е разговор од настивникот, ученикот, родителот, педагошката служба. Комплетна стручна служба им недостасува на училиштата. Децата психологот го доживуваат како личност каде доколку се обратат ќе бидат казнети. Во последните години можеби малку повеќе се охрабруваат да се обратат, вели Божиновски.

Сегашните генерации, потенцира, се потемпераменти, живеат со технологијата и честопати не значи дека се немирни, бесни и не сакаат да учат, туку веќе им се познати сите тие информации и не им е интересно на часот. Затоа треба да се користат современите методи и да се најде заедничко решение и за наставниците и учениците.

Проблеми имало и меѓу учениците и домашни проблеми, надвор од училиште, но најважно е да се провери колку тие информации се точни и да се ислуша ученикот кој треба да сфати дека може да има доверба во наставникот. Во зависност од тоа која личност ќе надвладее со нив ќе се идентификуваат со истата. Авторитетот на просветниот работник се гради низ годините и истиот не може да се гради со наредби, строгост, а потајно да се прикрие незнаењето, неспособноста и сите други работи што треба да ги има еден просветен работник. Авторитетот се гради со знаење, работа, комуникација со учениците, меѓусебна доверба.

Треба да се запрашаме во таа трка кон западните вредности колку се истите и морални, вели Божиновски.

Ова е јасен сигнал дека треба сите уште посигурно да ја сфатиме одговорноста која ја имаме, родителите дома, ние на училиште и тие кои се одговорни за општествените функции. Најважен е разговорот прво со родителите дома, потоа со просветните работници. Потребни се коренити реформи во образовниот процес и надлежните институции треба да преземат чекор во оваа насока, додадава Божиновски.