Деновиве голем број на медиуми уште рано наутро објавуваат неофицијални и речиси секогаш неточни информации за бројот на новозаболени, реагира министерот за здравство Венко Филипче. Непримерно е во ситуација кога имаме секојдневно заболени и секојдневно известуваме и за секоја најмала промена, да се шпекулира со податоци токму од страна на оние кои треба да обезбедат прецизна информација за јавноста, вели тој.

Од самиот почеток на оваа криза лично јас и целиот мој тим за односи со јавноста сме ваш партнер. Веќе 100 дена навремено, прецизно и транспарентно ја известуваме јавноста. Ги соопштуваме сите детали за новозаболените од Ковид-19, се со цел медиумите да имаат точна информација. Уште еднаш ги замолувам медиумите да престанат да изнесуваат шпекулативни и непроверени информации околу бројот на заболени лица од Ковид-19. Ги молам да ја зачуваат својата улога и задача која ја имаат кон јавноста за навремено, точно и проверено известување. – истакна Филипче.

Неодговорното однесување на дел од медиумите внесува конфузија кај населението и недоверба во институциите, предупредува министерот за здравство.

Објавувањето број на новозаразени со Ковид-19 од страна на медиумите не смее да биде трка на ексклузивитет, затоа што станува збор за чувствителни информации за здравјето и животот на граѓаните. Објавувањето на вакви непроверени информации е уште повеќе несфатливо затоа што Министерството за здравство редовно ги објавува сите информации, а доколку има промени и по неколку пати во денот. Сите прашања на новинарите се одговараат постојано и на дневно ниво. Искрено се надевам дека оваа пракса ќе престане, а ние ќе продолжиме со навременото и точно информирање. – порача министерот Филипче.

OhridNews