Културолошката иницијатива „5 до 12“ за време на празниците ја реализираше акцијата „Насмевни се! Твојата насмевка раѓа нови насмевки!”, во рамки на која болниците и специјализираните домови беа украсени, а осамените хоспитализирани лица и лица со попреченост добија прекрасни подароци и топли пораки.

Свесни сме за силината на пандемијата која создаде огромен страв и анксиозност, а посебно погодени категории се стари лица, хоспитализирани пациенти, лица со попреченост и лица со забавено темпо на живеење. За овие новогодишни и божиќни празници, на иницијатива на Андријана Настеска, го започнавме овој проект за да ги тргнеме од сенка насмевката и среќата. – велат од КИ „5 ДО 12“.

На акцијата се придружија учениците од О.У. “Григор Прличев”, О.У. “Ванчо Николески”, О.У. “Св. Климент Охридски”, О.У. “Христо Узунов” и С.О.У. “Св. Климент Охридски” – гимназија. Тие, заедно со одговорните во школите, подготвија подароци, честитки, пакетчиња, украси и декорации, чоколади, а најмногу од сѐ пораки полни со љубов и топлина за новогодишните и божиќните празници.

Им се заблагодаруваме на сите ученици и наставници кои се вклучија во оваа хуманитарна акција. Се заблагодаруваме и на одговорните на институциите кои на првиот повик ја прифатија, а и помогнаа во реализацијата на оваа акција. Вие сте причина за нечија насмевка! – порачуваат од КИ „5 ДО 12“.

OhridNews