Подготвен сум да понесам одговорност доколку се утврди дека имам вина за бродската несреќа што се случи на 5-ти септември во која загинаа петнаесет бугарски туристи, изјави за Ohridnews, капетанот на Охридската капетанија, Љупчо Настоски.

Тој вели дека одговорноста за несреќата треба да ја утврдат истражните органи и дека не треба да се донесуваат избрзани заклучоци пред да заврши истрагата.

Како институција имаме свое мислење за причините за несреќата, но некоректно и непрофесионално е да говориме било што пред да заврши истрагата, вели Настоски. Секој за кој ќе се докаже дека има вина за несреќата треба и да одговара, додава Настоски, посочувајќи дека е подготвен да поднесе оставка од функцијата доколку истрагата утврди пропусти во работата на  Капетанијата кои ја предизвикале трагедијата од 5-ти септември.

Истрагата за најголемата бродска несреќа на Охридското Езеро треба да биде заокружена со резултатите од вештачењето на бродот „Илинден“, на што работат професори од Машинскиот факултет од Скопје и експерти од Словенија и Хрватска.

Г. Момироски