Традиционално за 1 Мај ( бидејќи втори веќе  не е повеќе  празник, нели) охриѓани, ама и бројните домашни гости прават скара. Така беше и годинава. Запоседната беше секоја слободна територија на ривиерата. Од повеќе познатите излетнички места, до најмалата  ливадичка покрај патот за Св. Наум, како и плажите. Весела атмосфера, малку ракија и вино или пиво за загревање, распален огон и многу месо, беше сликата што вчера можеше да се забележи во излетничките места.

И се ќе беше во ред да не недостигаа дрва за скарата. Ама и тоа не е проблем за досетливиот Македонец. Нели природата ни дава се, па зошто да не земеме. Така некои друштва кои првомајскиот празник го минаа на прекрасната плажа во Љубанмишта, за да ја задоволат потребата од дрва за скарата ги испосекле сите стебла што им се нашле пред очи во околината.  Сликите што ни  ги испратија наши пријатели се страотни:

Прво започнале од гранките, ама веројатно огнот не бил доволно силен па продолжиле да сечат цели стебла. И така без проблем, без некој да им рече нешто, да ги опомени, а камоли да ги казни или санкционира.

Така ти е тоа кога ќе се остават работите на свест и совест, тогаш страдаат и прасињата и дрвата.

Г. Момироски