National Geographic Travel повторно го стави Охрид во фокусот на светската туристичка јавност, споделувајќи сторија посветена на градот на брегот на едно од најстарите езера во Европа.

На македонскиот брег на Охридското Езеро, едно од најстарите езера во Европа, се наоѓа град со богата културна привлечност, наведува National Geographic, нагласувајќи дека старите улици во историското јадро ги поттикнуваат посетителите да застанат, да го почувствуваат ритамот на градот и да уживаат во неговата историја, музичка сцена и впечатливите пејзажи.

Во репортажата на авторката Емили Браун, Охридското Езеро е претставено како исклучително природно богатство старо околу 1,5 милиони години, додека посебно внимание е посветено на богатото културно и духовно наследство на Охрид.

Меѓу местата што National Geographic им ги препорачува на посетителите се куќата на Робевци, црквата „Св. Јован Канео“, манастирот „Св. Наум“, Заливот на Коските и Лабино. Се издвојуваат и охридскиот бисер, прошетките и пловењето по езерото, локалната гастрономија, како и живата музичка сцена покрај брегот.

Авторката ја заокружува прошетката низ Охрид со кајак или SUP покрај Канео кон Лабино, каде, како што забележува, и денес може да се почувствува мирот и спокојството што го издвојуваат овој дел од езерскиот брег.

Текстот е објавен во Lakes & Mountains Collection 2026 на National Geographic Traveller (UK).

OhridNews