Научен труд на интервентниот кардиолог д-р Благоја Стефановски од ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања Охрид е објавен во „European Heart Journal – Case Reports“, меѓународно научно списание во рамките на Европското здружение за кардиологија.

Трудот, со наслов „Late coronary artery perforation with subsequent cardiac tamponade 3 days after primary percutaneous coronary intervention in a young woman with spontaneous coronary artery dissection – induced ST-elevation myocardial infarction: A case report“, обработува редок и клинички значаен случај на доцна коронарна артериска перфорација со последователна срцева тампонада, која се развила три дена по примарна перкутана коронарна интервенција, кај млада пациентка со спонтана дисекција на коронарна артерија.

Објавувањето во ова меѓународно списание претставува значајно професионално достигнување и признание за стручноста, посветеноста и научноистражувачката работа на авторскиот тим и секако на нашата установа во целост. Истовремено, трудот ја нагласува важноста на клиничкото искуство, внимателното следење на пациенитите по интервентни кардиолошки процедури и препознавањето на ретки, но потенцијално животозагрозувачки компликации, велат од Болницата.

Коавтори на трудот се д-р Бранка Милачиќ – кардиолог од oдделот за интензивна нега и д-р Елена Коваческа Башуроска – раководител на oдделот за интензивна нега при установата.

Заедничката работа на авторите е потврда дека стручноста добива уште поголема вредност кога се споделува, а колегијалноста и меѓусебната соработка создаваат основа за унапредување на медицинската наука и грижата за пациентите, потенцираат од Болницата.

OhridNews