Деновиве беше промовирана книгата „Времеплов“ на научните истражувања на мојот татко“ (извадоци од медиумите од 1993 до 2018 година), од Гордана Ангеличин Жура. Во делото кое е посветено на научната работа на нејзиниот татко, познатиот историчар на уметност и археолог, Гоце Ангеличин Жура, поместени се разговори, прилози и бројни новинарски написи објавени во медиумите за историските откритија на кои работел тој.

-Идејата за оваа книга се јави од мојата ќерка која работи на докторат во Берлин. Кога дојде во месец април шетавме по светоста на Плаошник и низ разговор за нашата многувековна култура, таа предложи документацијата која внимателно ја архивирам со години да ја систематизираме и преточиме во едно дело. Така и испадна, мојата ќерка го собра целиот материјал од 1993 до 2018 година, го систематизира и го преточи во книга, која излезе од печат благодарение на Иван Ристески и неговото семејство, кој го помогна издавањето на ова дело.  – истакна Гоце Ангеличин Жура.

Aвторката, Гордана Ангеличин Жура, вели дека иако таа стои зад оваа книга, таа всушност е уште едно дело на Гоце Жура.

-Сепак му благодарам на Жура што ме почести да ја реализирам идејата која што му ја предложив, а тоа е да се направи еден преглед на текстови што ги објавил во медиумите од 1993 година наваму, а кои се однесуваат на неговите истражувања или ставови во време на неговата дејност како историчар на уметност. Жура беше и останува да биде активен во запознавањето на пошироката јавност со неговите откритија кои продолжуваат да ги пополнуваат празнините во нашата историја. – вели Гордана Жура.

За делото на Жура на промоцијата се осврна проф. д-р Виолета Мартиноска. Таа истакна дека од исклучително значење е што младата авторка на едно место ги собрала педантно сочуваните објави од 1993-2018г., и тоа е направено навреме да биде зачувано се на едно место.

-Ова е книга живот, со долги непреспиени ноќи, беседувајќи со себе си, предизвиците, дилемите, со многуте прашања, а малку одговори. Дел од тие фасцинантни одговори даровно ни се пренесуваат во ова издание. Научникот Жура е профет од висок ранг. Доживотно посветен на тајните, мистични пространства низ вековите оживувајќи ги ликовите во нив. Неуморен светилник низ тешко достапните пештерски храмови. – рече Мартиноска.

Таа истакна дека се обидува на своите студенти да ја пренесе пасионираноста на истражувањето на Жура, бидејќи неговата посветеност на професијата има светлообразни резултати.

-Слично на нервчикот Прличев и Жура е несфатен во своето време. Но, тоа е високата цена на промислата. Човештвото постои поради генијалноста на раритетните умови кои не придвижуваат напред и не охрабруваат дека светот и животот имаат своја исконска и неповторива убавина. – додава проф. Мартиноска.

На промоцијата на книгата што се одржа во „Рајското место“ во Горица ка Кољо Дивоно, присуствуваа познати и признати научни работници и пријатели на историчарот на уметност Жура.

OhridNews