Најтешкиот и инженерски најкомплексен дел од автопатот Кичево – Охрид, во должина од околу 10 километри, ќе биде пуштен во употреба во следните неколку месеци, додека целиот автопат треба да биде завршен до мај следната година. Ова го изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување во емисијата „Вести плус“ на Канал 5 телевизија.

Според Николоски, станува збор за најпредизвикувачката делница на целиот автопат, на која се наоѓаат галерии, мостови, вијадукти, како и најдолгиот тунел во државата, со две тунелски цевки долги околу 2.000 и 2.100 метри.

Очекувам во следните месеци да биде пуштена најтешката делница од 10 километри, каде што има галерии, мостови, вијадукти и каде што е тунелот којшто ќе биде најдолг во државата. Со тоа пополека ќе се комплетира автопатот Охрид – Кичево, изјави Николоски.

Тој посочи дека голем дел од капацитетите на Министерството за транспорт се насочени токму кон овој проект, поради, како што рече, бројните проблеми наследени од минатото.

OhridNews