Една рибарска мрежа во должина од 50 метри и пет парчиња риба-клен пронајде и одзеде синоќа патролата на полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“.
Рибарската мрежа со димензии на окца од 45 х 45 мм. како и уловот, се пронајдени во водите на Охридското езеро кај Универзитетското одморалиште, синоќа околу 21 часот и 45 минути. По извршената контрола, константирано е дека мрежите не се соодветно обележани со жиг од концесионерот на езерото и се користат за вршење на казнено дело „Незаконит риболов“, информираа од полицијата.
Неодамна патрола на полицијата во ноќните часови, во водите на езерото кај Горица пронашле и одзеле една рибарска мрежа со должина од околу 50 метри и димензии на окца 60х60мм со улов од осумнаесет парчиња риба- десет парчиња охридски крап со вкупна тежина од 9,5 килограми и осум парчиња клен со вкупна тежина од осум килограми.
Од почетокот на овој месец, полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ пронајде и одзеде 20 рибарски мрежи со вкупна должина од над 1000 метри, близу 30 килограми парчиња разновидна риба и повеќе примероци на риболовен алат и прибор. Согласно законот за рибарство и аквакултура, против две лица поднесени се прекршочни пријави, соопшти СВР Охрид.
OhridNews












