Камерното музицирање на виолинистот Владимир Костов и чембалистката Цветанка Созовска вчеравечер беше несекојдневен настан на „Охридско лето“. Врвните уметници, оваа прекрасна вечер во црквата „Света Софија“ ја посветија на дела создадени во барокот.

Инаку, врвната чембалистка Цветанка Созовска која има специјализирано барок, точно три децении живее и работи во Холандија, но ја промовира барокната музика и надвор од холандските граници. За да може да го долови барокот на автентичен начин пред љубителите на класичната музика во Македонија, таа во земјава го донесе и својот личен инструмент.
Инструментот што го користам вечерва е лично мој. Го купив пред три години во Холандија и го увезов во Македонија за да имам и тука инструмент и да можам да патувам и да ја презентирам барокната музика во автентичен стил, не само во Скопје, туку насекаде во земјава. Голема е честа што и на „Охридско лето“ настапувам со мојот инструмент, рече Созовска.

Како што се развивала виолината во текот на вековите, така се развивало и гудалото. Ова е еден тип на гудало кое што по форма, големина и должина се користело во тоа време за да се долови тој звук. Исто така специфично е и тоа што свириме на автентичен штим од 415 херци. Тоа е штим којшто се изведува со оригиналните инструменти бидејќи во современата музичка практика, инструментите се штимаат на 440 до 442 херци. Овој звук дава посебен амбиент и една посебна интерпретација на барокната музика и уште поголема автентичност на самите дела, појасни Костов, кој е концерт-мајстор во Македонската филхармонија, но и професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

OhridNews












