Полицискиот инспектор Стевчо С. кој незадоволен од односот на претпоставените во службата кон него минатата недела штрајкуваше со глад на работно место, денеска побарал средба со министерката за внатрешни работи или друг функционер во МВР, за како што ни изјави во телефонскиот разговор:„да се расчисти случајот во СВР Охрид“.

Инспекторот од одделението за општ криминал во СВР Охрид вели дека е шиканиран на работното место и дека постојано му се крати личниот доход без причина. „Личниот доход за месец декември  ми е скратен 45%, со образложение дека не сум ги извршувал работните задачи што не е точно бидејќи јас најпрофесионално ги извршив сите зададени задачи во службата“, вели незадоволниот инспектор.

Тој не информираше дека за проблемот го запознал Синдикатот на полицијата од каде му било ветено дека ќе биде побарано целосно расчистување на случајот. Незадоволниот полициски инспектор вели дека раководниот тим во СВР Охрид не го повикал на разговор во врска со случајот. Тој тврди дека досега на многу пати му бил скратен личниот доход, но и дека тоа не е единствениот проблем со кој се соочува во службата. Незадоволниот инспектор во разговор за оhridnews изјави дека очекува до среда раководните структури на МВР да го расчистат случајот.

МВР вчера информираше  дека : „ Поради неисполнување на работни обврски надлежниот старешнина презел соодветни санкции против инспектор од одделението за општ криминал, кој незадоволен од таквата одлука 3-4 дена штрајкувал со глад“. Од МВР тврдат дека ваквата постапка на вработениот е отфрлена од страна на Синдикатот  на полицијата, кој  не го подржува  начинот на кој инспекторот го изразувал своето незадоволство.

Наспроти ова, претседателот на полицискиот синдикат, Тихомир Климоски, во изјава за Тв Телма рече дека Синдикатот е запознат со случајот и дека истиот се следи. Тој информираше дека од СВР Охрид била побарана комплетната документација за случајот и дека доколку биде потребно ќе биде побарана и надворешна правна помош за заштита на инспекторот.

Г. Момироски