50 стари лица од општините Охрид и Дебрца, веќе две години се под „заштита“ на возрасните волонтери од охридскиот Црвен крст. Најмалку еднаш во неделата волонтерите контактираат со старите лица, разговараат, ги посетуваат, а по потреба и им се купуваат лекови, храна, облека.  

– Има голем број лица кои се во години на кои им треба пред се помош преку комуникација. Ние тоа го правиме во рамки на програмата. Тимот е поделен и секој член има листа на лица со кои комуницира, во понедeлник, но и преку неделата доколу тие лица- корисници на програмата се јават и побараат помош, објаснува Љупчо Милкоски, волонтер и дисеминатор во Црвен крст Охрид.

Членовите-волонтери учествуваат и во бројни креативни работилници каде изработуваат предмети кои потоа се продаваат за хуманитарни цели.

– Овие активности заначат многу и за нас и за оние кои ги посетуваме и со кои контактираме. Многу возрасни луѓе немаат воопшто со кого да поразговараат и средбите со нашите волонтери многу им значат. Некои од нив имаат и високи пензии, но и тоа не вреди ако нема со кого да поразговараш, вели Далипи Пембезаре, волонтер во Црвен крст Охрид.

Клубот за грижа за стари лица при Црвен крст Охрид неодамна објави и литературен и ликовен конкурс на тема „Хуманоста во заштита на човековото добро и достоинство“.
На конкурсот може да учествуваат сите кои ја сакаат ликовната уметност и секој вљубеник во пишаниот збор. Ликовните и литературните творби (во вид на проза или поезија) може да се доставуваат во просториите на Црвен крст Охрид, најдоцна до 19 мај.

OhridNews