Ниедна авио компанија не се пријавила на јавниот повик од Општина Охрид за прибирање на барања, за доделување финансиска поддршка на домашни и странски авио превозници, кои во текот на летната сезона би летале на релација Лондон-Охрид и обратно.

-Рокот за аплицирање на овој повик истече на 26-ти мај, а до овој рок ниту една авио компанија нема доставено барање за оваа субвенција. Откако ќе поминат сите законски процедури и рокови поврзани со овој повик, планирано е да биде распишан нов јавен повик за субвенционирање на истата авио линија, информираат од охридската локална самоуправа.

Според условите на минатиот повик, новата авио дестинација требаше да биде постојано опслужувана по однапред определен ред на летање.

-Корисникот кој ќе ја добие оваа финансиска поддршка треба најдоцна до 15 Јуни 2014 година да започне со оперирање на една дестинација два пати неделно на релација аеродром „Св.Апостол Павле“ Охрид и некои од аеродромите во Лондон, Велика Британија и истата да ја одржува во периодот од 15 Јули до 15 Септември 2014 година, како и во текот на целата 2015 и 2016 година. На оваа релација, корисникот треба да обезбеди превоз на најмалку 9600 патници годишно или минимум 800 на месечно ниво, во целиот период на користење на финансиската поддршка, пишуваше меѓудугото во минатиот Јавен повик.

Во него стоеше дека Финансиската поддршка ќе се додели на авио превозник кој ќе ги  исполни условите утврдени во барањето и ќе понуди најнизок износ на финансиска поддршка во евра изразени во денарска против вредност, по патник во пристигнување.

Е.М